Право на информации
Информација за животна средина, според закон, значи секоја информација во писмена, визуелна, аудио, електронска или било која друга материјална форма за:
1. Состојбата на елементите на животната средина, како што се воздухот и атмосферата, водата, почвата, пејзажите, просторот и природните области, биолошката разновидност и нејзините компоненти, вклучувајќи генетски модифицирани организми и интеракцијата на овие елементи;
2. Фактори, како што се супстанции, енергија, бучава и радијација, и активности и мерки, вклучувајќи административни мерки, договори за заштита на животната средина, политики, законодавство, планови и програми, кои влијаат или веројатно ќе влијаат на елементите на животната средина, анализи на трошоци и придобивки и други економски анализи и претпоставки кои се користат во донесувањето на одлуки за животната средина;
3. Состојбата на човечкото здравје и безбедност, животните услови, културните добра и зградите, до степен до кој тие се или можат да бидат засегнати од состојбата на елементите на животната средина или, преку овие елементи, од фактори, активности или мерки наведени во законот;
4.Институции и тела одговорни за прашања од областа на живтона средина.
Активниот проток на информации е обезбедување на навремени информации за состојбата на животната средина од страна на јавните институции кои што имаат пристап до такви информации и се обврзани да ги обезбедат овие информации. Министерството за животна средина треба да ги обезбеди информациите на транспарентен и ефикасен начин и за оваа цел треба да користи публикации во печатена и електронска форма кои се достапни за јавноста, како и јавни информативни инструменти.
Пасивниот проток на информации е пристап до информации, каде што јавните власти се обврзани да одговорат на барањата ако ги добијат. Министерството, на барање на заинтересирана страна, треба да обезбеди дека информациите во областа на заштитата на животната средина се достапни за јавноста што е можно поскоро, а најдоцна во рок од 20 дена од датумот на поднесување на барањето, освен во случаи кога содржината и сложеноста на обезбедените информации оправдуваат продолжување на овој рок до еден месец. Барателот треба да биде информиран за секое продолжување на дадениот рок и причините за таквото продолжување.
Правото на пристап до информации може да биде ограничено само исклучително, во случаи предвидени со закон, кога:
1. ниту една јавна институција не ја поседува побараната информација за животна средина;
2. барањето е неосновано или премногу општо формулирано;
3. барањето се однесува на материјал кој е во фаза на подготовка или се однесува на внатрешна комуникација на административно тело или установа каде што таквото изземање од обезбедување информации е предвидено со друг закон, земајќи ја предвид штетата за општиот интерес од обезбедувањето на информациите, или
4. во случај информацијата веќе да е обезбедена на претставници на невладини организации, локални заедници и медиуми поради колективен јавен интерес. Во таков случај, надлежната институција треба да го упати барателот каде може да ги добие потребните информации.
Барањето за пристап до информации во писмена форма треба да содржи доволно информации за природата на информацијата, и на крајот името и адресата на барателот.