Архуска Конвенција
Пристап до информации
Архуската Конвенција (АК) или Конвенцијата за пристап до информации, учество на јавноста во одлучувањето и пристап до правда за прашања поврзани со животната средина, е усвоена е во 1998 година на Четвртата министерска конференција „Животна средина за Европа“, во градот Архус во Данска. Во Република Северна Македонија стапи на сила во 2001 година и е транспонирана во Законот за животната средина (Сл. Весник на РМ, бр. 53/05, 81/05, 24/07, 159/08, 83/09, 48/10, 124/10, 51/11, 123/12, 93/13, 187/13, 42/14, 44/15, 129/15, 192/15, 39/16).
Архуската Конвенција има за цел да ја зајакне улогата на граѓаните и граѓанските организации во процесите на заштита на животната средина.
Конвенцијата на јавноста и дава права, а од друга страна на властите им воведува обврски во врска со пристапот до информациите, учество на јавноста и пристап до правдата.
Трите основни прашања кои се регулирани со АК, или како што ги нарекуваат трите столба на кои се темели оваа Конвенција се:
- Правото на физичките и правните лица да бараат информација во врска со животната средина;
- Право на јавноста да учествува во процесот на донесување на одлуки кои се поврзани со заштитата на животната средина;
- Право за пристап до правдата во случај кога двете претходни права се повредени, односно не се почитуваат.
Правото за пристап до информации за животна средина е уставно загарантирано и е едно од основните начела од Законот за животна средина (ЗЖС), како и барање од АК за пристап до информации за животната средина, учество на јавноста во донесувањето на одлуки и пристап до правдата за прашања поврзани со животната средина.
Условите, начинот и постапката за остварување на слободен пристап до информациите од јавен карактер се пропишани и во Законот за слободен пристап до информации од јавен карактер (Сл. Весник на РСМ, бр. 101/19).
Основни принципи на овој закон се:
- Сите физички и правни лица, домашни и странски, имаат право на слободен пристап до информации од јавен карактер;
- Пристапот до информации од јавен карактер се спроведува врз база на барање поднесено до имателот на информацијата во усна, писмена, електронска или друга форма
Согласно Законот за слободен пристап до информации од јавен карактер државата формира Агенција за заштита на правото на слободен пристап до информациите од јавен карактер.
Aгенцијата на својата интернет страница објавува листа на иматели на информации и на службените лица на имателите на информации. Агенцијата ажурирањето го врши во рок од седум дена од добивањето на известувањето за службено лице на имател на информации од јавен карактер, односно стекнување или губење на статус на имател на информации од јавен карактер.
„Иматели на информации“ се органите на државната власт и други органи и организации утврдени со закон, органите на општините, градот Скопје и општините во градот Скопје, установите и јавните служби, јавните претпријатија, правни и физички лица што вршат јавни овластувања утврдени со закон и дејности од јавен интерес и политичките партии во делот на приходите и расходите.